Ел-Ахзаб
الأحزاب
بِسْمِ اللَّهِ الرَّحْمَنِ الرَّحِيمِ
О пејгамберу, плаши се од Аллах и немој да им бидеш послушен на неверниците и дволичните. Аллах, навистина, е Зналец и Мудар!
И следи го она што ти се објавува од Господарот твој! Аллах, навистина, е Известен за она што го работите!
И потпри се врз Аллах; Аллах е Доволен Поддржник!
Аллах на ниеден човек не му даде две срца во градите негови. И не ви ги одреди жените ваши од кои со зихар се разделувате да бидат мајки ваши, а ниту, пак, посинетите, да бидат синови ваши. Тоа се само зборови со устите ваши. Аллах ја зборува вистината и Он упатува по патот вистински!
Викајте ги по бабовците нивни; тоа е поисправно кај Аллах. Но, ако вие не ги познавате бабовците нивни... па, тоа се браќа ваши по вера и заштитници ваши. А ако во тоа, пак, некако згрешите, немате грев. Но, грев е она што го намераваат срцата ваши. Аллах е Простувач и Сомилосен!
Пејгамберот, за верниците, е поблиску од нив самите; а жените негови се мајки нивни. А сродниците, според Книгата Аллахова, се поблиску еднисодруги и од верниците и од мухаџирите, освен ако не им направите некакво добро на заштитниците ваши што, секако, е наведено во Книгата.
И кога Ние го прифативме договорот од пејгамберите нивни, и од тебе, и од Нух, и од Ибрахим, и од Муса, и од Иса, синот на Мерјем... од нив прифативме договор цврст!
За да ги земе на одговорност искрените заради искреноста нивна; а за неверниците Он им подготви казна болна.
О верници, сетете се на благодатот Аллахов кон вас: кога ви дојдоа војски, па против нив испративме ветар и војски кои не ги видовте. Аллах го гледа она што го работите;
кога ви дојдоа и над вас и под вас, и кога погледите ви се скаменија, и кога срцата во градите ви застанаа, и кога за Аллах секакви помисли имавте.
Тука верниците беа ставени во искушение и беа потресени со потрес жесток.
И кога дволичните и оние со заболените срца зборуваа: „Аллах и пејгамберот Негов ништо не ни ветија освен измама!“
И кога една дружина од нив рече: „О жители на Јасриб, тука немате опстанок. Вратете се!“ И една заедница меѓу нив побара одобрение од пејгамберот, зборувајќи: „Домовите наши се незаштитени“ - а не беа незаштитени. Посакаа само да се дадат во бегство.
А да им се влезеше од предградијата негови и да се побараше од нив да направат сплетки тоа сигурно ќе го направеа; во нив ќе се задржеа само малку,
оние веќе и порано му ветија на Аллах дека нема да се вратат назад. А за ветувањето кон Аллах се одговара.
Кажи: „Ако бегате од смртта бегството никогаш не ќе ви користи, или, пак, гинењето: само кратко време ќе уживате.“
Кажи: „Кој е тој кој ќе ве сочува од Аллах? Ако Он посака да ви нанесе зло или ако Он посака да ви подари милост.“ Оние, освен Аллах, немаат ни заштитник ни поддржник!
Аллах, секако, ги знае оние меѓу вас кои прекоруваа и кои им зборуваа на браќата свои: „Дојдете со нас!“ И малкумина од нив тргнаа во војна,
шкржави во помошта кон вас. А кога ќе настапи стравот ги гледаш како гледаат во тебе, играјќи со очите свои како да се во пресрет на смртта. А кога стравот ќе помине ве вознемируваат со јазиците остри, шкржави да направат некакво добро. Таквите не веруваат па, Аллах, ќе ги упропасти делата нивни. Тоа за Аллах, секако, е лесно.
Сметаат дека сојузниците не отидоа. Или ако сојузниците се вратат оние би сакале повеќе да бидат со бедуините в пустина, и да се распрашуваат за вестите за вас. А да беа, пак, меѓу вас, само малкумина ќе се бореа!