Ет-Тахрим
التحريم
بِسْمِ اللَّهِ الرَّحْمَنِ الرَّحِيمِ
О пејгамберу, зошто го забрануваш, настојувајќи да им се исполнат барањата на жените твои, она што Аллах ти го дозволи? Аллах е Простувач и Сомилосен!
Да, Аллах ви пропиша како да ги оправдаде заклетвите ваши. Аллах е Пријател ваш! Он е Зналец и Мудар!
И кога пејгамберот тајно ќе проговори со некоја од неговите жени, и кога таа ќе ги извести другите за тоа - а Аллах даде тој да го открие тоа -, тогаш нешто од тоа и го откри а нешто го задржа. И бидејќи тој ја извести, таа рече: „Кој те извести за ова?“ Рече: „Ме извести Зналецот и Известениот!“
А ако вие две Му се обратите на Аллах, каејќи се, срцата ваши ќе се приклонат! А ако, пак, вие се помагате против пејгамберот... та, Аллах, навистина, е Заштитникот негов, и Џебраил и добрите верници! И мелеките, по тоа, се поддржници!
Господарот негов, ако тој се разведе од вас, можеби ќе му даде други жени што ќе бидат подобри од вас: на Аллах послушни, вернички, оддадени, покајнички, побожни, постачки, стабилни и девици.
О верници, чувајте се себеси и семејствата ваши од огнот: луѓето и камењата ќе бидат негово гориво. А мелеките ќе се грижат за него и ќе бидат строги; не ќе бидат непослушни кон наредбата Аллахова и ќе го работат она што ќе им се наредува.
О неверници, денес не ќе можете да се оправдате. Ќе бидете казнети, токму, за она што го работевте!
О верници, покајте се кај Аллах со покајание искрено! Господарот ваш, можеби, ќе ги избрише гревовите ваши и ќе ве воведе во бавчите џеннетски низ кои реки течат, на Денот во кој Аллах не ќе ве ожалости, пејгамберот и оние кои веруваа со него. Светлината нивна ќе оди пред нив, и од нивната десна страна; ќе зборуваат: „Господаре наш, усоврши ја светлината наша и прости ни. Ти си, навистина, Кадар за се!“
О пејгамберу, бори се против неверниците и дволичните и биди строг кон нив. Џехеннемот е престојувалиштето нивно. Е, само колку лошо свратилиште е тоа!
Аллах го донесе примерот на оние кои не веруваа: жената на Нух и жената на Лут кои беа мажени за двајца добри робови Наши. И двете нив ги осрамотија и затоа тие во ништо не ќе можат да им помогнат кај Аллах. И ќе им се рече: „Влезете вие две во огнот меѓу оние кои веќе се влезени!“
И Аллах го донесе примерот за оние кои веруваа: Жената на фараонот, кога рече: „Подигни ми куќа, Господаре мој, во близината Твоја, во Џеннетот, и спаси ме од фараонот и од делото негово, и спаси ме од народот зулумќарски!“
И: Мерјем, ќерката на Имран, која ја сочува невиноста своја, и во која вдахнавме од Духот, од страна Наша, и која ги потврди зборовите на Господарот свој, и Книгите Негови, и која беше една меѓу потчинетите на Аллах!